Компјутерот кој беше задолжен да го слета човекот на месечината

Наука
3. Mar 2021
446 прегледи
Компјутерот кој беше задолжен да го слета човекот на месечината

Аполо 11 беше мисијата во која човекот за прв пат стапна на тлото на месечината. Оваа мисија претставувала огромен технички предизвик за НАСА затоа што било потребно да се развие автономен компјутерски систем кој ќе асистира при навигацијата и контролата на самата мисија. За таа цел институтот за технологија во Масачусетс (MIT) во почетокот на 60-тите години по налог на НАСА почнал да го развива компјутерот за насоки на Аполо или Appolo Guidance Computer (AGC) за кој биле задолжени повеќе од 2000 луѓе. Имплементација на AGC во вселенското летало била толку многу голема, што дури и го нарекувале „четвртиот член на екипажот“. AGC бил диригентот кој синхронизирал 20 системи на леталото кое слета на месечината заедно со Армстронг, Олдрин и Колинс.

DSKY ( Display Keyboard ) единицата која служела за внесување и примање на информации од оперативниот систем

Хардверот на AGC се состоел од главната единица тешка над 30 килограми која трошела 70 вати струја при напон од 70 волти и системот за внесување на команди и дисплеј (DSKY) кој бил тежок над 8 килограми. Со работен такт од 0.046 мегахерци, овој компјутерски систем е илјадници пати послаб во процесирачка моќ споредено со модерен паметен телефон од денешницата. За првпат во компјутерската технологија за овој проект биле искористени интегрални кола познати како чипови кои денеска ги има во секој електронски уред.

Главната меморија на компјутерот (RAM Memory) била нанижана рачно и направена од тенки бакарни жици.

AGC користел оперативен систем во реално време кој им овозможувал на астронаутите да внесуваат едноставни команди преку DSKY кои го контролираат леталото и одделлните негови системи. За да се заврши целата мисија, екипажот морал да внесе околу 10.500 карактери на DSKY единицата која вршела интеракција помеѓу корисникот и еден од 40-те инсталирани програми на оперативниот систем.

Маргарет Хамилтон, одговорна за развој на компјутерскиот систем за АполоМаргарет Хамилтон, одговорна за развој на компјутерскиот систем за Аполо

Системот можел да процесира неколку задачи одеднаш и притоа да одвои повеќе ресурси за приоритетните. Најважниот дел на системот бил контролирање на системите за автопилот и навигација, како и сите маневри кои предизвикувале некаква промена на брзината на леталото.

Развојот на хардверот и софтверот за овој систем на НАСА и донел големо искуство кое е искористено за понатамошните мисии и иновации во полето на аеронаутиката. Софтверското инженерство како специфична бранша на компјутерските науки произлегува токму како резултат на искуствата и примерите, падовите и успесите кои биле доживеани во текот на овој проект.

Иако астронаутите би преферирале рачно да го контролираат вселенското летало со кое слетале на месечината, само AGC можел да обезбеди прецизна навигација и контрола која била потребна за овој подвиг да биде успешен.


Сподели: