Новиот ровер на Марс работи со процесор од 1998 година

Еден примерок чини повеќе од 200.000$ и може да работи на температури од -55 до 125 целзиусови степени како и да издржи екстремни нивоа на радијација.

Хардвер
16. Mar 2021
132 прегледи
Новиот ровер на Марс работи со процесор од 1998 година

Новиот ровер на NASA "Perseverance" - во превод „Упорност“ кој слета на Марс во Февруари годинава после седум месечно патување работи на процесор кој беше претставен во 1998 година и кој беше користен на тогашниот Apple iMac G3. Mногумина би помислиле дека еден ваков ровер ќе ја користи последната технологија и најбрзите процесори на денешницата, но, кога е во прашање ваква критична мисија, користење на технологија од пред 23 години има свои предности.

Процесорот одговорен за функционирањето на сите системи на роверот ја носи ознаката RAD750, произведен од BAE Systems. Toj работи на RISC архитектурата, има едно јадро и работен такт од 233 мегахерци. Иако се работи за истиот модел на процесор користен во iMac G3 (PowerPC 750, развиен од Motorola), има огромна разлика со оној кој е вграден во роверот. Еден примерок чини повеќе од 200.000$ и може да работи на температури од -55 до 125 целзиусови степени како и да издржи екстремни нивоа на радијација.

Другата цел за користењето на овој процесор е стабилноста на технологијата. Кога се во прашање 2.7 милијарди долари за робот на Марс многу е важно технологијата да е стабилна, предвидлива и без неочекувани грешки. Предвидено е роверот да работи без престан до 2023 година, но како и сите мисии на NASA доколку сите системи функционираат, мисијата може да се продолжи уште неколку години. Сепак, никој не би сакал да се случи „плав екран“ поради грешка во процесирањето.

Моментално, процесорот RAD750 го користат преку 100 сателити кои орбитираат со години околу земјата и досега се нема случено ниедна грешка предизвикана од овој чип.


Сподели: