Првиот македонски агрегатор за цени на мобилни телефони, Phones.mk

Phones.mk е првиот македонски агрегатор на продавници за мобилни телефони кој има за цел да го олесни и забрза процесот на купување нов мобилен уред.

Веб
8. Mar 2021
1270 прегледи
Првиот македонски агрегатор за цени на мобилни телефони, Phones.mk

Станува збор за веб-сајт каде може да ги најдете сите понуди за мобилни телефони и таблети на едно место, групирани по уред и сортирани по цена, со цел брза и лесна споредба. Овој проект постои од декември 2020 година и беше дизајниран и имплементиран од Давид Симеоновски како дел од неговата дипломска работа при ФИНКИ - УКИМ.

Имавме прилика да му поставивме неколку прашања на Давид за да ни објасни која била идејата позади овој проект, како функционира, и дали има план за понатамошен развој.

Како дојде до идејата да направиш ваков агрегатор и колку време ти требаше за реализација на овој проект?

Идејата за ваков агрегатор ми дојде пред околу 2 години, кога разгледував низ македонските продавници со цел да купам нов смартфон. Тогаш од прва рака забележав колку е комплициран целиот процес на барање специфични модели, споредување перформанси, споредување цени и слично. Ми текна дека сето ова би било многу поедноставно и поинтуитивно доколку сите понуди од сите продавници се наоѓаат на еден веб-сајт каде би можеле да се пребаруваат, филтрираат и сортираат.

Со оглед на тоа што веќе имав некакво претходно искуство со веб агрегатори работејќи како практикант во Time.mk, се одлучив да ја пријавам идејата за Phones.mk како мој дипломски труд на ФИНКИ, и започнав да го работам негде при крајот на 2019-та. Развојот на проектот одеше бавно бидејќи немав многу слободно време да посветам на него, но со континуирани мали чекори, првата верзија ја завршив во декември 2020, кога и конечно дипломирав од факултетот.

Како функционира Phones.mk, и колку често се обновуваат прикажаните податоци?

Phones.mk е целосно автоматски систем кој редовно ги прибира понудите од веб-сајтовите на продавниците користејќи техника наречена „скрејпање“. Потоа, овие понуди се групираат според типот на уредот, и се прикажуваат сортирани според најевтина цена. 

Со цел да се обезбедат обновени и релевантни понуди во секој момент, системот го повторува процесот на прибирање понуди секој ден.


За оние кои се љубопитни од технички аспект, какви технологии користиш „под хаубата“ за оваа платформа да биде возможна? Python, Javascript, MongoDB?

Целиот backend дел на платформата е имплементиран во програмскиот јазик python, користејќи ја популарната веб рамка django. За систем за бази на податоци се користи PostgreSQL, додека пак frontend делот е имплементиран целосно користејќи HTML, CSS и JavaScript, без употреба на дополнителни frontend библиотеки како jQuery или Bootstrap. Веб-сајтот е хостиран на cloud платформата AWS, користејќи повеќе од нивните сервиси.

Генерално, мојата филозофија при избирање на технологиите за овој проект беше да преферирам веќе докажани и популарни технологии кои се користат со години во индустријата, и да избегнувам понови или експериментални технологии кои би можеле да се покажат како проблематични во иднина.

Дали имаш план за понатамошен развој и внесување нови функционалности во платформата?

Дефинитивно имам многу идеи за подобрување и проширување на Phones.mk. Од воведување на нови категории како паметни часовници и безжични слушалки, до воведување подетални опции за филтрирање, збогатување на податоците за секој уред со детални спецификации, рецензии и фото галерии, имплементација на алатка за споредба на уреди, воведување на алатка за следење на ценовната историја на уредите, итн.

Покрај воведувањето на нови функционалности, голем дел од моето време работејќи на Phones.mk поминува и во одржување и надградување на постоечките системи, како и во нетехничките операции како следење аналитика, промоција и маркетинг. Па постојано морам да наоѓам некаква рамнотежа помеѓу воведувањето на нови функционалности и одржување на веќе постоечките.

Како го доживуваш македонскиот веб простор во последните неколку години? Дали мислиш дека има доволно иновација на ова поле и кои се твоите предвидувања?

Ако ги исклучиме стотиците политички веб-портали, од кои повќето си целат по некоја своја веќе зацртана агенда и воопшто немаат изговор за нивно постоење, останува премал број на корисни и интересни македонски веб-сајтови и апликации. Секако дека има исклучоци, и секогаш ми е мило кога ќе видам некоја нова иновативна идеја на македонскиот веб простор, но за жал ваквите исклучоци се екстремно ретки бидејќи повеќето луѓе ја доживуваат Македонија како мал пазар во кој не е исплатливо да се инвестира време и пари.

Сепак, јас мислам дека во нашата држава сеуште има голем простор за технолошки иновации како и дека вистинската идеја во вистинското време може да донесе голем успех.


Сподели: